Штетни наративи во предизборието, честа слика од политичките партии
Лошите зборови пред изборите се честа слика од страна на политичките партии. Наместо прогресивни идеи, во предизборието етичкиот кодекс се подзаборава. Познавачите сметаат дека потребни се институции кои ќе го казнуваат говорот со навредливи зборови. На темата работеше Анита Димитријевска Велковска, а прилогот е изработен во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на проектот „Користи факти“ што е поддржан од британската амбасада во Скопје...

„Да имаше натпревар во неспособност, овие од СДСМ и ДУИ ќе беа втори. Затоа што се неспособни да освојат прво место“, вели Зоранчо Јованчев, пратеник од ВМРО – ДПМНЕ.
„Местите избори, ограбувате, крадете, лажете, сè најлошо што може направивте. Пустош направивте 11 години во државата“ вели Даниела Колева, пратеничка од СДСМ.
Навреди, клевети, недоличен говор. Во предвечерието на изборите собраниската говорница се претвора во мегдан за одмерување на силите. Во услови кога сè уште не се изготвени програмите со кои партиите ќе бараат глас повеќе, штетните наративи доаѓаат во преден план, анализира активистот Бесим Небиу. Освен прес-конференции и јавни настапи, се користат и социјалните мрежи за дезинформации и пропаганда.
„Во социјалните мрежи имаат ботови кои всушност се ликови од партиските штабови, коишто отвораат налози зад кои не стои вистинскиот човек, туку стои еден човек. Некогаш еден човек контролира повеќе налози. Има партиски сурогати кои се јавуваат во различни дебати и во различни полемични формати, но тие не може да полемизираат зашто пренесуваат партиски став. Идејата на дебатата е да се разменуваат мислења, а тоа, како што кажав, се сурогати на партиите“, вели Бесим Небиу, граѓански активист.
Во ера на позагадена комуникациска средина, менување на ТВ – каналот и исклучување на интернетот не се опции кои водат до решение. Проблемот, велат психолозите се решава со активирање на државниот апарат кој треба да го санкционира таквиот говор, кој во заднина има цел да ги доведе граѓаните до конфузија за да не ги видат крупните недостатоци и грешки.
„Прво што ми доаѓа на памет е конфузија. Конфузија, дури и за оние за кои ние сме наклонети да гласаме. Ако јас, мојот лидер го слушам како зборува и користи такви зборови и раскажува случки, приказни или што било кои не се пристојни, кои се навредливи, агресивни, мислам дека тоа внатре ќе ми создаде конфузија. За што гласам јас? Кому сум наклонета?“-рече Мирјана Јовановска-Стојановска, психолог.
„ДПМНЕ и Мицкоски се светски прваци по немање став“.
„Ковачевски како паднат од Марс зборува дека ги зголемил пензиите“.
Партиите најмногу штетни наративи генерираат кога комуницираат со соопштенија, а се креираат и видеа за да ја доведат јавноста во заблуда. Интернет-страници на државни институции се злоупотребуваат за партиски пресметки и пропаганда, со што се крши етичкиот кодекс за јавните службеници.
Во услови на длабока политичка поделба, штетните наративи може сериозно да ги поткопаат демократските процеси, да ги ослабнат државните институции и да ги заострат односите меѓу заедниците.
Анита Димитријевска – Велковска
Прилогот е изработен во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на проектот „Користи факти“ што е поддржан од Британската амбасада во Скопје.
