Македонија- прва земја во регионот со гравиметриски премер на територијата

12.06.2014 17:19

Современите инструменти поврзани со ГПС систем, ќе покажат што крие македонската земја под себе...

Македонија прва во регионот ќе добие гравиметриски премер на територијата. Од април годинава до март идната година геодетите на македонско- бугарскиот конзорциум прават мерења на 2.400 точки на оддалеченост од по 5 километри.

Современите инструменти поврзани со ГПС систем, ќе покажат што крие македонската земја под себе. Мапата ќе биде од корист како за Катастарот за прецизни мерења во изградба на автопати, тунели, нмостови, така и за рударството, земјоделството, земјотресното инжинерство.

„Дали во Макеоднија имаме рудни богатства, појава на гас, можеби нафта, ќе се даде придонес во земјотресното инженерство итн“, вели Славче Трпески, директор на Агенција за катастар.

Откривањето потенцијални рудни богатства е главната споредна работа во овие мерења, велат стручните лица од Србија, кои сметаат дека деталната гравиметриска мапа на Македонија ќе даде многу предности.

„Доколку во одреден дел постојат потенцијални шанси за рудни наоѓалишта, ќе ги згуснеме точките на по половина километар за точни и прецизни податоци. Ние сме тука консултатни кои помагаме околу работата со современите апарати кои се донесени од Канада и од Србија“, вели Мирослав Тарчевиќ- стручен консултант од Србија.

Самата операција бара посебни мерења и одредување на координатите на овие точки, објаснуваат домашните изведувачи.

Проектот чини 250 илјади евра, а е финансиран од Светска банка.

 

Катерина Давчева