Израелско-Палестински конфликт

Нетанјаху ги отфрли повиците на демонстрантите за предвремени избори

18.02.2024 11:23

Минхенската безбедносна конференција завршува со дискусии за Газа. Израел нема да потклекне пред меѓународниот притисок за офанзивата во Рафах, Нетанјаху категоричен – преговорите за заложниците бараат цврст став. Катар обелодени – времето не е во наша корист, последните денови не ветуваат многу. Безбедноста на цивилите во пограничниот град под ризик. Египет бара Израел да не ги турка бегалците преку границата...

Преговорите за заложниците бараат цврст став-израелскиот премиер Нетанјаху го отфрли меѓународниот притисок за договор пред да заврши со офанзивата во Рафах. Вели дека нема да поднесе диктати во идното спогодување со Палестинците.

„Оние кои сакаат да не спречат да дејствуваме во Рафах во основа ни велат – изгубете ја војната. Договорот ќе се постигне само со директни преговори меѓу страните, без предуслови. Барањата на Хамас се илузорни, ако се откажат од овие заблуди ќе можеме да продолжиме“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

„Времето не е во наша корист“, рече премиерот на Катар за можниот договор за прекин на огнот во Газа.

„Времето не е во наша корист. Преговорите во последните денови не ветуваат многу. Има тешкотии во хуманитарниот дел. Ако постигнеме добри услови на таа страна, верувам дека тој ќе се случи многу брзо“, изјави Шеик Мохамед Бин Абдулрахман ал-Тани, премиер на Катар.

Илјадници демонстранти во Тел Авив побараа оставка од Нетанјаху.

„Мораме да ја смениме владата, да одиме на избори веднаш или со „гласање недоверба“, а за тоа ни треба мнозинство од 61 член на Кнесетот“, вели Елан Нисим, демонстрант.

Тоа е последното нешто што му е потребно на Израел сега-категоричен Нетанјаху. Решителноста да ги исполни целите на војната, става во ризик над милион цивили кои нашле прибежиште во Рафах. И покрај апелите од САД за преиспитување на одлуката, израелските воздушни напади продолжуваат.

„Ние сме од Кан Јунис. Дојдовме во Рафах. Сега го напаѓаат, се враќаме назад. Состојбата е катастрофална“, рече Џабер Чишта, раселен.

„Сметавме дека овде е безбедно, но тие нè преселуваат. Влегуваат во Рафах. Не знаеме каде одиме“, рече Шадија Ал-Фара, раселена.

Египет го предупреди Израел да не ги турка цивилите преку границата доведувајќи го во прашање мировниот договор од 79-та.

„Оние кои ги разбираат сложеноста и опасностите поврзани со тоа, не само да дадат поддршка со реторика, туку јасно да укажат дека ќе има последици за каква било форма на раселување“, изјави Самех Шукри, министер за надворешни работи на Египет.

Хуманитарната криза од војната во Појасот Газа принуди раселување на речиси 80 насто цивили.

 

Бојана Крстевски