Бајден го обвини „недејствувањето на Конгресот“ за украинското повлекување од Авдиевка
Бајден неодобрувањето на помошта од Американскиот конгрес за Киев го посочи како главна причина за повлекувањето на украинските сили од Авдиевка. Побара итно да изгласа дополнителната воена помош од 60 милијарди долари. За Путин, повлекувањето на украинските сили од истокот на Украина е значаен успех...

Поразот на Украина во Авдиевка е резултат на неактивноста на конгресот. За американскиот претседател Бајден, повлекувањето на украинските сили од истокот на земјата е последица на блокираната дополнителна воена помош од 60 милијарди долари. Во соопштение од Белата куќа уште еднаш повикаа Американскиот конгрес без одложување да ја одобри дополнителната помош за Киев. Бајден во телефонскиот разговор со Зеленски ја повторил американската поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
„Зборував со Зеленски. Му кажав дека бев убеден дека ќе ги добиеме парите за да спречиме земјата да биде прегазена од Русија. Знаете, сè се става на коцка. Повторно ги слушам републиканските кандидати кои велат дека никогаш не сум му објаснил на американскиот народ, зошто НАТО е толку важно. НАТО-Алијанската е круцијална за нашиот опстанок“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.
И украинскиот министер за надворешни Кулеба, од Безбедносната конференција во Минхен ги повика западните сојузници да го зголемат снабдувањето со оружје и муниција за Украина.
„Најважно прашање е количеството и одржливоста на снабдувањето со оружје. Ситуацијата денеска е многу лоша. И тоа не е само моја проценка, тоа е пораката што сите ја добиваме од линијата на фронтот“, изјави Димитри Кулеба, министер за надворешни на Украина.
А, падот на Авдиевка, Кремљ го прославува како значаен успех. Путин освојувањето на градот го нарече важна победа, откако началникот на украинската војска призна дека се повлекуваат од истокот на земјата по неколкумесечните интензивни борби.
„Ослободувањето на Авдиевка овозможи да се оддалечи линијата на фронтот од Доњецк, со што значително се заштитивме од нападите на криминалниот режим во Киев“, изјави Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.
Во наредната недела се одбележуваат две години од почетокот на руската инвазија во Украина, кога ненајавено руските сили почнаа напади во повеќе украински градови. Десетици илјади луѓе загинаа, а инвазијата ја предизвика најголемата бегалска криза во Европа по втората светска војна.
Маја Стојанова
