Вработување

„Ван Хул“ скенира нови кадри

12.06.2014 17:26

„Ван Хул“ неодамна ги прошири капацитетите, со што и бројот на вработени, од 430, почна да се зголемува до планираните 600...

Белгиски „Ван Хул“ од септември ќе ја лансира новата производствена линија. Обемот на работа се зголемува, се бараат нови работници, се скенираат потенцијалните кандидати.

„Кога ќе излезе конкурсот ќе конкурирам, согласно моите квалификации, па ќе видиме, се надевам дека ќе ме одберат“, изјави апликант од Илинден.

„Јас конкурирав претходно, но ќе конкурирам пак. Јас сум електричар и монтер“, изјави апликант од Илинден.

„Ван Хул“ неодамна ги прошири капацитетите, со што и бројот на вработени, од 430, почна да се зголемува до планираните 600. Од компанијата ги повикуваат заинтересираните да се пријават на огласите за работа.

„Тие што се интересни за нас се ставаат меѓу потенцијалните кандидати, па овие апликации ги земаме во предвид кога ни требаат нови работници, односно кога се отвораат нови работни места, или пак е потребна замена на работници“, нагласи Аврам Стојчевски, генерален менаџер на „Ван Хул“.

Првиот човек на општина Илинден, каде е лоцирана слободната – економска зона Бунарџик, вели дека ваквите обуки даваат резултати.

„Невработеноста се намалува во континуитет и ваквите активности влијааат за задржување на овој тренд“, рече Жика Стојановски, градоначалник на Илинден.

Произведените автобуси од Бунарџик завршуваат во САД, но наскоро ќе се извезува и во европските земји. Фабриката на „Ван Хул“ за производство на автобуси е најголемата фабрика во Бунарџик и засега, единствена во вториот дел од слободната економска зона.

Повеќе работа има и за домашните компании – добавувачи на Белгијците, со што се отвораат и индиректни работни места.

„Ни претстои сериозна реорганизација на производниот процес, ќе ги зголемиме капацитетите, а ќе ни бидат потребни и нови работници“, вели Бојан Ковачевски, Унипласт Струга.

Инвестицијата на „Ван Хул“ тежи 25 милиони евра. Компанијата го зголеми производството. Според последните податоци на Статистика, во првите четири месеци од годинава, пред сè како резултат на работата на оваа компанија, извозот на машини и транспортни уреди е двојно зголемен, и достигна 308 милиони долари.

 

Мартин Пушевски