Скопје

По физичка пресметка со колега приведен е полицаец, член на обезбедувањето на Мицкоски

18.02.2024 12:58

Полициски службеник за кој МВР потврди дека е дел од обезбедувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изутрина се степал со колега полицаец кој во моментот бил на службена должност. Приведен е, против него ќе биде поднесена соодветна пријава...

Полициски службеник кој не бил на должност нападнал свој колега пред угостителски објект. Од МВР потврдуваат дека е дел од обезбедувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Веднаш бил приведен и против него ќе биде поднесена пријава.

„Единицата за недозволена трговија при СВР-Скопје го лишила од слобода И.Б. (43) од Скопје, полициски службеник кој не бил на должност, затоа што физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија. Лицето било приведено во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, стои во соопштението од МВР.

За случајот е известен дежурен обвинител кој треба да даде насоки за натамошно постапување, напиша министерот Тошковски. Расчистување на случајот побара и дополнителниот заменик Бојмацалиев, кој алармираше за настанот. Уапсениот член на обезбедувањето на Мицкоски веднаш ќе биде отстранет од позицијата велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Од она што ни е познато станува збор за лична нетрпеливост меѓу двајцата полициски службеници. По ваквиот настан, истото ќе биде отстрането од обезбедувањето и нема да има никакви работни ангажмани поврзани со претседателот на партијата. Бараме органите, без задршка да ги преземат сите потребни мерки за расветлување на настанот и најостро да казнат секаков вид на насилство, постапувајќи во согласност со законот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Уапсениот кој е близок соработник на Мицкоски се обидел да спречи полициска акција, тврдат социјалдемократите.

Во наредните денови се очекува целосно расветлување на случајот.

 

 

Александра Спировска