Се вжештува реториката во предизборието, каква кампања ни претстои?
Ќе останат ли политичките партии на висина на етичкиот кодекс? Политичарите најавуваат фер изборна трка, но ќе се бранат и од црната кампања на противникот ако е тоа нужно. Познавачите, пак, се на став дека претстојната кампања ќе биде неинвентивна и веќе видена, а во која мера црната кампања ќе биде застапена ќе зависи од стратегијата на секоја партија одделно...

Како се топат деновите до избори, се вжештува и реториката. Партиите бетонирани во сопствените ровови, ја подготвуваат тешката артилерија. Ќе напаѓаат со проекти, но ќе се бранат и од „црната кампања“ на противникот. Етичките правила ќе важат, ако и од другата страна има политичка коректност.
„Можно е да се случуваат одредени напади, одредена црна кампања на којашто ќе мораме да одговориме. Доколку некој наш кандидат за пратеник или за претседател биде нападнат со невистини и лажни вести, секако ние мораме да одговориме со вистината“, изјави Дарко Каевски, портпарол на СДСМ.
„Веќе подолг период од власта на СДСМ и ДУИ гледаме продуцирани напади со посебен приод, со монтажа, видеомонтажа, со глас, но и со коментари и ставови изразени во колумни и јавни настапи, што е ништо друго, освен црна кампања против опозицијата, најмногу против ВМРО-ДПМНЕ и нејзините членови“, изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Новинарката Мира Костиќ очекува власта и опозицијата да влезат во кампања со презентирање на постигнатите успеси и истакнување на проектите што планираат да ги остварат. Црна кампања ќе има, но колку ќе биде изразена, зависи од стратегијата на партиите, вели Костиќ.
„Ќе се оди веројатно и на атакување на националните чувства со оглед на сè што се случуваше во изминативе години, договори, преговори и така натаму, уставни измени коишто не се реализираа. Не очекувам да се избираат зборови, не очекувам многу да се почитува политичкиот опонент, туку напротив да се истакнуваат негативните страни на другата страна за да се добијат политички поени“, изјави Мира Костиќ, новинар и член на Советот на честа на ЗНМ.
Кој ја продаде државата, а кој кокетира со Русите? Граѓаните ќе се наслушаат сè и сешто пред да го земат пенкалото в рака. Комуникологот Бојан Кордалов очекува неинвентивна, веќе видена кампања која нема да ги заинтересира гласачите.
„За жал, очекувам повторно да нема понуда, а тоа е клучното што недостига за модерна кампања, каква што граѓаните сакаат да видат. Само во ситуации во кои политичките партии нуделе некакви реални ветувања или пак, во тоа време изгледале реални, само тогаш граѓаните се мобилизирале и навистина излегувале во поголем број, за да променат или да задржат одредена власт“, рече Бојан Кордалов, комуниколог.
Со тоа што политичарите не се приспособуваат на потребите на граѓаните и не ги третираат како решавачки фактор, само ги оттргнуваат од дневното информирање. Со тоа се отвора расцеп за вгнездување лажни вести и дезинформации, велат познавачите. Но додека ја научат лекцијата – пораката за нив е да се угледаат на првиот собраниски состав, кој е пример како треба да се однесуваат власта и опозицијата кога се во прашање клучните државни интереси.
Овој прилог е изработен во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на проектот „Користи факти“ што е поддржан од Британската амбасада во Скопје.
Анита Димитријевска – Велковска
Прилогот е изработен во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на проектот „Користи факти“ што е поддржан од Британската амбасада во Скопје.
