Бројот на пријави за булинг го вклучува црвениот аларам
Расте бројот на пријави за булинг. А тоа не е само страдање во моментот, туку и трајно оштетување на личноста. Едно сведоштво од илјадниците ни го вклучува алармот дека не смееме да сме немоќни, туку да впрегнеме се за да му се спротивставиме. Дел од невладините како „Младите можат“ и Детската амбасада „Меѓаши“ веќе се мобилизирани и работат на едукација на наставниците и на учениците со единствена цел-булингот што се шири како плевел да биде запрен.

„Таа ме гледаше како безвредно суштество, како глуп, како најниско нешто и секогаш наоѓаше начин како да ме понижи пред сите“, вели ученик.
Вака е кога наместо емпатија, едукација и знаење ученикот добива понижување, психичко па дури и физичко насилство од своите професори.
„Еднаш некој направи некоја беља и таа сакаше да дознае кој е, и бидејќи никој во класот не се пријави рече дека се сомнева во мене, ме свика пред табла и пред сите ми удри шамар“, сведочи ученик.
Овој ученик завршил на психотерапија и целиот свој живот ќе го носи тој товар како емоционален белег. Други ќе се сеќаваат на оние погрдни зборови од часот по физичко каде според истражувањето на „Младите можат“ насловено како кажи се, предничат овие професори и се како на натпревар кој повеќе ќе ги тормози: види колкава си станала, пак ти со тие гаќи, и што уште не. За надминување на оваа погубна состојба веќе две години во 9 училишта во земјава се спроведуваат обуки за професорите за да си се вратат на својата едукативна функција.
Булингот како плевел се шири во општеството. На линијата „Ало Бушавко“ при Детската амбасада Меѓаши само во првото полугодие од 2023 година имало 15 дојави за булинг, а за оние во рамки на училиштето 40, велат од Меѓаши.
Од Меѓаши посочуваат дека откако ќе ги добијат овие дојави доставуваат претставки до соодветните институции, а истовремено работат и на мировното образование за превенирање на овие појави.
Фиљана Кока
