Аналитичари: Апанажата на СДСМ законска, но неморална!
Од потегот на Шеќеринска и останатите бивши парламентарци од опозицијата измамено ќе се чуствуваат пратениците кои беа натерани да поднесат оставки, но најизмамени според аналитичарите ќе бидат граѓаните...

Законски, но сепак неморално. Ова е коментарот на аналитичарите откако 25 поранешни пратеници на СДСМ добија едногодишна апанажа, а при тоа тврдат дека не го признаваат ниту Собранието ниту другите државни институции.
Меѓу нив е и потпретседателката на СДСМ. Шеќеринска ќе добива над илјада евра месечно иако таа гласно го оспорува легитимитетот на законодавниот дом. Токму преку апанажата опозицијата докажува дека правната држава и владеењето на правото функционираат, иако опозиционерите се обидуваат да наметнат сосема друга слика – велат политиколозите.
„Клучната работа околу целата чорба што ја готви СДСМ е нивниот морален лик. Какви сте вие како човек кога тврдите дека го бојкотирате собранието, а притоа барата апанажа од истото. Како комичари ќе влезат сите овие луѓе кои или бараат апанажа, или бараат бојкот, а притоа не се откажуваат од градоначалнички или советнички функции“, објаснува аналитичарот Ивица Боцевски.
На Социјал-демократите нема да им биде изненадување кога граѓаните нема да гласаат за нив, бидејќи јасно ја согледуваат моралната ерозија во најголемата опозициска партија- вели аналитичарот Александар Пандов.
„СДСМ, Заев и Шеќеринска покажуваат дека нивото кое го поседуваат на морал, етиката која ја поседуваат како луѓе, како партија е на најниско ниво“, смета аналитичарот Пандов.
Од потегот на Шеќеринска и останатите бивши парламентарци од опозицијата измамено ќе се чуствуваат пратениците кои беа натерани да поднесат оставки, но најизмамени според аналитичарите ќе бидат граѓаните кои извисија- го дадоа гласот за пратеници кои нема да ги застапуваат нивните интереси.
Миле А. Ристески
