Заштита на домашните автохтони раси добиток
Одржувањето на биолошката разновидност и чувањето на генетскиот материјал на добитокот има големо значење во развојот на сточарството, особено на домашните заштитени раси. Оваа дејност ќе ја врши овластен субјект, кој исполнува одредени услови и е избран на јавен конкурс …

Во тек е конкурсот за избор на овластен субјект за заштита на биолошката разновидност на домашните раси на добиток за оваа година.
Дејноста може да ја врши само специјализирана институција од областа на сточарството со соодветна техничка и кадровска опременост.
За реализација на работењето треба да формира база на податоци за автохтоните и заштитени раси и да направи модел за економската исплатливост, а ќе се дефинира и загубената добивка од одгледувањето на домашните примитивни раси.
Давателот на услугата ќе треба да посети најмалку 15 локации или новопријавени фарми за крави од расата буша за да се обезбеди чување на генетски материјал и да се подготват извештаи со сите специфичности и карактеристики.
Во овчарството треба да се посетат најмалку 20 фарми што ги одгледуваат домашните раси: овчеполска, шарпланинска и каракачанска овца, а во козарството 15 фарми со домашната балканска коза.
Вакви испитувања треба да се направат и во свињарството, живинарството и во пчеларството. Изборот на овластената установа ќе се врши врз основа на техничката и кадровската опременост и најниската понудена цена. Пријавувањето на конкурсот е 10 дена од неговото објавување, на 14-ти февруари годинава.
Методија Трајков
