Европа

900 тони литиумски батерии горат во фабрика во Франција

19.02.2024 13:14

Над 900 тони литиумски батерии горат во фабрика за рециклирање батерии во Јужна Франција. Пожарникари на терен се борат да го стават пожарот под контрола…

Според префектурата, пожарот кој пожарникарите брзо го ставиле под контрола, не предизвикал човечки жртви. Сега е без ризик од ширење, додавајќи дека „ризикот во смисла на токсичност е исклучен“.

„Ви потврдувам дека нема ризик за населението. Направена контрола на воздухот, ние ќе направиме друга серија на контроли, за да бидеме сигурни“, рече Шарл Густи, префект на Авејрон.

Работата на пожарникарите беше колосална, бидејќи батериите полека согоруваат.

„Се соочуваме со масовен пожар, со пожар на метал кој бара големи количини вода, стратегијата во овој стадиум е да го контролираме пожарот, а не да го изгаснеме бидејќи тоа е сложено“, изјави Микаел Лекок, полковник на пожарникарите.

Жителите кои се забарикадира во домовите се жалат и стравуваат од хемиските елементи.

„Во градината паднаа остатоци од амбалажа од батерии, не ни е јасно како можат да се прават вакви нешта во близина на населени места.“

Локалитетот е класифицирана инсталација за заштита на животната средина, категоризирана со висок ризик. Во јавен информативен лист објавен во јануари, се наведува дека во случај на голема несреќа, производите присутни овде веројатно ќе резултираат со емисија на кадмиум , преку испарувања од пожар. Кадмиумот е многу токсичен на краток и долг рок, како и опасен за животната средина. Сепак, продолжува документот, земајќи ја предвид околината блиску до фабриката и однесувањето на отровните испарувања (надморска височина, кинетика), тие не треба да му наштетат на непосредното здравје на локалните жители.

Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ