Расправа по Предлог-законот за забрана за нефер трговски практики
Во Комисијата за европски прашања, расправа по Предлог-законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи. Со ова законско решение ќе се постигне поголема контрола и спречување на злоупотребите, велат од ресорното министерство. Потребно е во рок од 6 месеци усогласување со ЕУ-регулативата, која е донесена во април 2019-та.

Долгонајавуваниот Предлог-закон за нефер трговски практики во земјоделската и прехранбената индустрија ја помина првата фаза во Комисијата за европски прашања. Со него се очекува надоместоците кои сега се наплаќаат во договорниот однос меѓу купувач и добавувач и кои влијаат на малопродажната цена на штета на потрошувачите да се сметаат за забраната нефер трговска практика.
Пет години се доцни со носењето на овој закон, кој можеше да ги заштити граѓаните од инфлацијата и економската криза. Па затоа опозициските пратеници велат дека законот е фер, но политичките практики се нефер. Двосмислен, конфузен, со недоречености – додаваат. Не се смета за забранета нефер трговска практика кога добавувачот ќе побара од купувачот да прикаже објективна и разумна проценка за трошоците и плаќањето по единица според утврден ценовник на купувачот.
Земјите членки на ЕУ беа обврзани до 2021 година да го воведат законот за нефер трговски практики. Додека пратениците од власта се пофалија дека Македонија е единствена земја од Западен Балкан која го воведува овој закон, опозициските пратеници велат дека другите земји можеби и немале реално потреба од носење закон за да се влијае на инфлацијата и економската криза.
Александра Велинова
