Земјава може да остане без свежо свинско месо, ако не се применат мерките
Агенцијата за храна и ветеринарство на фармерите кои чуваат свињи без разлика дали имаат мала или голема фарма, итно им наложи да преземат безбедносни мерки за да се спречи ширењето на болеста африканска чума која е присутна и во Македонија. Според директорот на АХВ, Николче Бабовски, дефинирани се неколку нелегални фарми во Скопје, и затоа мора да се преземат сите мерки за заштита...

Македонија може да остане без свежо свинско месо, ако малите свињарски фарми не ги сфатат сериозно алармите за итно преземање мерки против африканската чума што е присутна во земјава. Болеста е регистрирана во село Мралино во околината на Скопје. Фармерите алармираат овој податок да се сфати сериозно, ако не сакаме да се соочиме со огромни последици.
Првиот човек на АХВ, Николче Бабовски, по добиените лабораториски наоди алармира дека оваа болест е поразителна за сите, оти може да нанесе сериозни проблеми во економијата.
Според одгледувачите на свињи, месечно се јавуваат по еден до два нови случаја на болеста и тоа токму кај нерегистрираните мали семејни фарми кои не обрнуваат внимание на биосигурносните мерки.
Ако не се преземат сериозни чекори веднаш, последиците ќе бидат уште поголеми.
Од првиот случај во земјава, во 2022 година, до сега има 62 регистрирани жаришта, а депопулација е извршена на преку 14.000 свињи. Оваа бројка за домашното стопанство е голема и мора да се покаже поголема сериозност од сите страни. Против африканската чума сè уште нема вакцина.
Борис Грујоски
