Загуби од милијарди долари поради фалсификувани производи

13.06.2014 11:13

Светската економија се повеќе е цел на организираниот криминал со фалсификувани производи. Американски и европски компании годишно губат милијарди долари профит од нелојалната конкуренција со продажба на фалсификувани производи преку интернет...

Кина и Хонг Конг се шампиони во производство и продажба на фалсификувани производи во Соединетите Американски држави. На трето место по запленети пратки е Турција, па Тајван, Сингапур, Кореја. Најмногу се фалсификуваат елекроника, облека, кожна галантерија, обувки, лекови. Најопасни за безбедноста и здравјето се купување на евтини лекови преку интернет, но и безбедносни појаси за автомобил, делови за возила и бродови, противпожарни апарати и бебешки носилки.

„Досега сме заплениле 27000 интернет сајтови. Го почнуваме процесот со  правење нарачки на фалсификувани производи и правиме верификација, а потоа ги доставуваме наодите до обвинителот и федерален судија. Ако судијата оцени дека има причини за криминално дело, ние го запленуваме сајтот“, изјави Лев Кубијак, Директор на Националниот кординативен центар за интелектуални авторски права.

Многу американски агенции координирани во Национален центар се борат против организираните криминални мрежи за фалсификувани производи во соработка со Интерпол и Еуропол. Овој месец завршила и обуката на македонски претставници за борба против пиратеријата. 

„Во моментов немам информации за случај што го работиме со Македонците, но мислам дека имавме обуки во регионот“, додава Кубијак.

Пиратеријата на електроника, текстил, лекови, ДВД-а, облека и парфеми е нелегален бизнис што годишно носи милијарди долари профит, што е една третина од БДП на САД и ЕУ.

Во последниве 5 години во Соединетите Американски држави се зголемува нивото на фалсификувани производи најмногу од областа на електрониката.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ