Собрание

Во Собранието договор за седница за избор на седмиот член на ДИК

19.02.2024 14:50

Точката за избор на последниот, седми член на ДИК, да биде на крајот од месецот, ова е решено на координација кај собранискиот спикер, Митрески. Партиите, пак, сè уште се занимаваат со рејтинзите на одредени личности, погодни за претседателски кандидат...

Ако не порано, тогаш со сигурност 28-ми февруари е денот кога ќе биде избран и последниот, седми член на Државната изборна комисија. Ова е решено на координација кај собранискиот спикер Митрески, кој одлучил точката за избор да биде на крајот од месецот, бидејќи поголем број пратеници во моментов се на службени патувања. По останувањето на Абдуш Демири, предложен од Европскиот сојуз за промени како единствен кандидат за испразнетото столче во изборниот орган во коалицијата, не очекуваат проблеми при гласањето за кое се потребни 80 пратеници.

Партиите, пак, сè уште се занимаваат со рејтинзите на одредени личности погодни за претседателски кандидат. Така е во СДСМ и во ВМРО-ДПМНЕ. ДУИ тактизира со името на партискиот лидер Ахмети.

Од засега познатото, останува дека Таравари влегува во претседателската трка, а кандидатури веќе најави професорката Ванковска и докторот Вело Марковски. На 23-ти февруари започнува и собирањето потписи за претседателски кандидати и за подносители на листи на изборите.

 

Миле Ристески