Македонија

Костадиновска-Стојчевска: Посветени сме на отворена соработка со УНЕСКО

19.02.2024 15:38

Северна Македонија во 2023 година продолжи посветено да работи на зачувување на статусот на Охридскиот Регион и на исполнување на препораките од реактивните мониторинг мисии на УНЕСКО и неговите советодавни тела во 2017 и во 2020 година, беше нагласено на денешната, шестата седница на Националната комисија за УНЕСКО...

Северна Македонија во 2023 година продолжи посветено да работи на зачувување на статусот на Охридскиот Регион и на исполнување на препораките од реактивните мониторинг мисии на УНЕСКО и неговите советодавни тела во 2017 и во 2020 година, беше нагласено на денешната, шестата седница на Националната комисија за УНЕСКО.

На седницата претседаваше министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која се осврна на Извештајот за состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион и напредокот во спроведувањето на Одлуката на Комитетот за светско наследство.

„Потврдувајќи го отворениот и партнерски однос на Република Северна Македонија и на Република Албанија кон Центарот за светско наследство и советодавните тела, во јануари 2024 година побаравме заедничка Реактивна мониторинг мисија на Центарот за светско наследство на УНЕСКО и советодавните тела, што ќе се реализира кон крајот на март 2024 година“, информираше Костадиновска-Стојчевска, која дополни дека мисијата ќе се реализира за да се процени моменталната состојба со природното и културното наследство на Охридскиот Регион со насоки за идните активности со цел соодветна заштита на наследството.

Членовите на Националната комисија беа информирани и за ревидираниот Стратегиски план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион (2023 – 2030). Во таа насока, министерката за култура потврди дека во постапката за ревидирање на Стратегискиот план, кој го изработи експертски тим од двете држави, се имплементирани и укажувањата, забелешките и препораките содржани во мислењето на советодавното тело на УНЕСКО – Меѓународната организација за споменици и места ИКОМОС.