Обезбедувачот на Мицкоски е суспендиран, ќе заработи и кривична пријава
Обезбедувачот на Мицкоски е суспендиран, но дека не попречувал акција против дрога, вели министерот Тошковски. Професионално да се истражи случајот – порача дополнителниот заменик-министер Бојмацалиев. Не стивнуваат и партиските реакции за инцидентот...

Полицаецот кој е дел од обезбедувањето на Мицкоски, а предизвикал инцидент ќе биде суспендиран од работа се до донесување правосилна пресуда. Ќе заработи и кривична пријава од МВР за напад врз службено лице – најави министерот Тошковски. Тврди дека осомничениот не попречувал акција, како што првично беше објавено во јавноста.
Професионално да се истражи случајот, без политички заднини, порача дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Бојмацалиев. Вели – напад на полицаец е напад на државата.
Институциите да постапат и секој инволвиран да понесе одговорност, побараа социјалдемократите.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа на изјавата на Каевски. Му порачаа да се однесува согласно со актуелните состојби во државата. Членот на обезбедувањето на лидерот Мицкоски кој нападнал полицаец на службена задача, партијата го отстранила од работните ангажмани.
Наташа Гркова-Петрушевска
