Сопругата на Навални вети дека ќе ја продолжи борбата на нејзиниот сопруг
Не стивнуваат реакциите по смртта на рускиот опозиционер. Сопругата на Навални вети дека ќе ја продолжи борбата на нејзиниот сопруг, го обвинува рускиот претседател Путин за неговата смрт. Во Брисел оствари средба со министрите за надворешни работи на која се разгледуваат можните, нови мерки против Русија.

Лавина од реакции по смртта на рускиот опозиционер Алексеј Навални. Вдовицата на опозиционерот ги обвинува руските власти за сокривање на телото додека исчезнат трагите од нервниот агенс „новичок“. Сопругата на Путиновиот критичар е во Брисел на средба со министрите за надворешни работи на која се разгледуваат можните, нови мерки против Русија.
„Знаеме зошто токму Путин го уби Алексеј, пред три дена. Наскоро ќе ви кажеме кој точно го изврши и како точно е извршено ова злосторство, сигурно ќе дознаеме. Ќе посочиме имиња и ќе го откриеме нивниот идентитет. Ќе ја продолжам работата на Алексеј, ќе продолжам да се борам за нашата земја и Ве повикувам да се борите со мене“, рече Јулија Навални, сопруга на Алексеј Навални.
Руското министерство за одбрана пак, обвинува дека Украина е виновна за труењето на гувернерите на Луганск и на Херсон лани и преклани. Москва обвинува за радиоактивно и труење со храна.
„Употребуваат отровни соединенија не само за време на воените операции туку и за терористички чинови. Гувернерот на Херсон беше хоспитализиран поради знаци на труење. Потврдено е присуството на материјата „рицин“. Во Луганск се користел отров – „фенол“, изјави Игор Кирилов, шеф на Агенцијата за заштита од радијација и боеви отрови на Русија.
Високиот европски претставник Борел изјави дека ќе предложи режимот на санкциите на унијата за човекови права, да го носи името на опозиционерот Навални. Од Кремљ одговорија дека истрагата е во тек за што се презеле неопходни мерки. Сепак резултатите сè уште не се објавени. Од Москва реагираат на изјавите на западните политичари, кои го обвинија рускиот претседател Путин за смртта на Навални. Опозиционерот почина во петокот во затвор во Арктичкиот круг на Сибир.
Маријана Димовска
