Фудбалската треска го зафати и Прилеп!
Најважната споредна работа во светот го крена целиот град на нозе. Секој со различни проценки и фаворити за ова првенство...

Празни улици, но преполни кафеани и ресторани. Фудбалската треска целосно го зафати Прилеп. Во угостителските објекти, немаше место буквално каде да се стави ниту игла. Најважната споредна работа во светот го крена целиот град на нозе. Секој со различни проценки и фаворити за ова првенство.
„Бразил светски шампион“, вели еден прилепчанец.
„Мој фаворит е Аргентина, а за ова првенство очекувам да има многу голови“, кажа друг љубител на фудбалот.
„Атмосферата во Прилеп е одлична, има еуфорија, а мој фаворит е Италија“, рече трет прилепчанец кој фудбалот го гледаше во еден од локалите во чаршијата.
Угостителите специјално вложиле во дополнителен инвентар за Бразил 2014.
„Активно работевме во изминатиов период да создадеме услови за да навивачите имаат добра атмосфера тука. Подготвивме и специјални пакети на храна и пиво специјално за нив“, истакна Елизабета Мојсоска, менаџер на угостителски објект.
„Се набавија телевизори и видео бимови за да можат гостите да гледаат фудбал од сите страни. Кафулето е преполно, нема место за седење, се надеваме дека така и ќе продолжи“, изјави Александар Талески, сопственик на угостителски објект.
Освен забава, најстрасните љубители очекуваат и приход.
„Во однос на претходните денови, работата ни е двојно зголемена“, рече Елена Вељаноска, вработена во обложувалница.
„Типуваат најчесто на фаворитите, Бразил, Англија, Германија, еве конкретно за вечерва за отворањето повеќе типуваат да победи Бразил против Хрватска“, вели Филип Стојаноски.
Забава, радост, добивки, разочарувања, нервози и солзи, оваа атмосфера ќе биде составен дел од нашето секојдневие во наредните 1 месец. Љубителите на фудбалот имаат само една желба, својот фаворит да го видат на 13-ти јули на Маракана.
Дарко Штаргоски
