Арсовска најави кривични пријави за изгласаниот ДУП во Општина Ѓорче Петров
Скопски Ѓорче Петров ќе стане македонскиот Њујорк. 50 згради се нацртани на новиот Детален урбанистички план. Покрај нив, ќе има и три хемиски фабрики. Токму нивните дозволи се најспорни за градоначалничката Арсовска. Таа најави кривични и за градоначалникот на Ѓорче и за министерот за транспорт и врски. Стојковски, пак, се брани оти деталниот бил во согласност со генералниот урбанистички план...

Изградба на 50 згради и три хемиски индустриски капацитети во општина Ѓорче Петров, предвидува новиот Детален урбанистички план кој е изгласан на вонредна седница во саботата. Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска обвини дека измените се донесени без согласност на градот, а проектот го опиша како бетонски монструм. Најави кривични пријави против градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски и министерот за транспорт и врски, Благоја Бочварски. Ќе побара и од Уставен со привремена мерка да ја запре примената.
Градоначалникот на Ѓорче Петров вели дека се било според законот. ДУП-от е усогласен со ГУП-от, а во него е впишана веќе постојната фабрика. Според Стојкоски, нема да има три нови хемиски фабрики. Тврди дека Арсовска не дала мислење по однос на ДУП-от, а по сила на законот се смета дека таа нема никакви забелешки. Покажа и мислење од Дирекцијата за заштита и спасување според кое нема никаква опасност во однос на безбедноста на граѓаните.
И градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски се спротивстави на Деталниот урбанистички план на Ѓорче Петров – вели Советот на Карпош ќе го оспори пред Уставниот суд затоа што го загрозува животот на карпошани.
Андријана Ѓурческа
