Поморска мисија „Аспидес“

ЕУ ќе ги штити товарните бродови во Црвено Море

20.02.2024 12:04

Израелските одбранбени сили објавија декаизвршиле повеќе од 31 илјада напади врз позициите на Хамас и Хезболах во Либан. Тел Авив не попушта под притисокот од меѓународната заедница, војната ќе продолжи ако заложниците не се вратат дома. ОН предупредуваат за катастрофалната состојба во појасот Газа. ЕУ ја почна поморска мисија „Аспидес“ во обид да го заштити поморскиот сообраќај од нападите од јеменските Хути…

Во обид да го заштити поморскиот сообраќај, трговијата и стабилноста на цените на производите, Европската унија почна поморска мисија „Аспидес“, за заштита на товарните бродови во Црвено Море од нападите на бунтовниците Хути во Јемен. Мисијата нема да учествува во воени напади и ќе работи само на море. Хутите велат дека нивната борба продолжува, погодени два американски брода со проектили во Аденскиот залив.

„Јеменските вооружени сили извршија две квалитативни воени операции во кои цели беа два американски брода во Аденскиот залив. Нападите беа изведени со голем број соодветни поморски ракети, а ударите беа прецизни и директни“, изјави бригадниот генерал Јахја Сари, воен портпарол на Хутите.

Од ноември, бунтовниците постојано напаѓаат бродови во Црвено Море и околните води поради израелската војна против Хамас во Појасот Газа. АД предлагаат нацрт-резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации, со која се повикува на привремен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас и се спротивставуваат на големата израелска копнена офанзива во Рафа. Тел Авив не попушта под притисокот од меѓународната заедница. Властите се заканија дека ако до Рамазан заложниците не се дома, борбите ќе продолжат насекаде.

„Светот мора да знае и лидерите на Хамас мора да знаат, ако до Рамазан заложниците не се дома, борбите ќе продолжат насекаде, вклучително и областа Рафа. Ќе го направиме тоа на координиран начин, олеснувајќи ја евакуацијата на цивилите, во дијалог со нашите американски и египетски партнери за да ги минимизираме цивилните жртви колку што е можно повеќе“, изјави Бени Ганц, член на воениот кабинет на Израел.

Дури и при имплементација на решение за две држави меѓу Израел и Палестинците, Тел Авив ќе ја задржи воената контрола врз сите палестински територии, изјави синоќа израелскиот премиер Нетанјаху. ООН предупредуваат на катастрофалната состојба во опустошената енклава.

„Како што продолжува бомбардирањето на Газа, загриженоста за јавното здравје се зголемува, а жените се најтешко погодени. Фондот за население на ОН предупреди дека сите во Газа се гладни, вклучително и околу 50.000 бремени жени. Ние и нашите партнери правиме сè што можеме за да обезбедиме помош во храна низ Појасот Газа“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на ООН.

Израелските одбранбени сили објавија дека од почетокот на војната извршиле повеќе од 31.000 напади врз позициите на Хамас во палестинската енклава, како и врз цели на Хезболах во Либан.

 

Маријана Димовска