Воен конфликт

Руската војска во офанзива, украинскиот отпор слабее

20.02.2024 12:40

Руската војска е во офанзива поради недостигот на муниција и проектили кај украинските оружени сили. Отпорот слабее, помошта од запад доцни. Ова го потврди и украинскиот претседател Зеленски којшто го посети фронтот. Премислувањето на Републиканците во конгресот е закана и за НАТО, предупреди шефот на Белата куќа Бајден. И во украинското соседство, расте стравот од можното прелевање на војната, се градат нови засолништа…

Авдиевка падна, на ред е Купјанск. Руската армија го користи хроничниот недостиг на муниција на украинските оружени сили. Состојбата е драматична, укажа претседателот Зеленски по посетата на линијата на фронтот.

„Ги префрламе нашите војници во секторот Купјанск. Состојбата е крајно тешка на неколку делови од фронтот, каде што Русите концентрираат нови војници, но и резервата. Имаат предност поради застојот на помошта за Украина“, нагласи Зеленски.

И првиот човек на Белата куќа уште еднаш ги потсети Републиканците кои се можните последици од задоцнетата испорака на воената помош за Украина.

„Прават голема грешка. Тие не се соочуваат со заканата од Русија, туку Републиканците се оддалечуваат и од НАТО поради неисполнувањето на обврските. Ова е шокантно, досега немам нешто вакво видено“, рече американскиот претседател Бајден.

Поради офанзивата на Кремљ повторно никнуваат или се обновуваат засолништата во соседството. Во Литванија постојат над три илјади. И се градат нови. Но, и тука е забележан недостиг од стручњаци за цивилна заштита.

„За година и половина создадовме нова мрежа на засолништа. Сега имаме околу 3.300. Не застануваме, ќе градиме нови. Со сегашните засолништа можеме во моментов да заштитиме 900 илјади граѓани или 31 насто од населението“, вели Ање Билотаите-министер за внатрешни работи на Литванија.

„Заедно со општините, со невладините и со Црвениот крст организираме едукативни прошетки низ засолништата и на точките на евакуација. Тоа е предизвикот на подготовката“, рече Едгарас Геда-службеник во Агенцијата за спасување.

Во центарот на Киев, во Алејата на хероите, Зеленски со сопругата Олена им оддадоа почит на активистите коишто загинаа на Мајдан, во револуцијата на достоинството во 2014-та.

Зоран Богатинов