ЕУ се вклучува во заштитата на Црвеното Море, Хутите не се откажуваат од борбата
Европската Унија ја почна поморската мисија „Аспидес“, за заштита на товарните бродови во Црвено Море од нападите на Хутите во Јемен. Мисијата засега нема да учествува во воените операции. Хутите велат дека нивната борба продолжува...

Поради безбедност на поморскиот сообраќај, на трговијата и за стабилноста на цените на производите, Европската Унија ја почна поморската мисија „Аспидес“, за заштита на товарните бродови во Црвено Море од нападите на Хутите во Јемен. Мисијата засега нема да учествува во воените операции. Хутите велат дека нивната борба продолжува, погодени се два американски брода со проектили во Аденски Залив.
„Јеменските оружени сили извршија две воени операции во кои цели беа два американски брода во Аденски Залив. Нападите беа изведени со голем број соодветни поморски ракети, а ударите беа прецизни и директни“, изјави бригаден генерал Јахја Сари, воен портпарол на Хутите.
Од ноември, Хутите постојано напаѓаат бродови во Црвено Море и околните води поради израелската војна со Хамас во Појасот Газа. САД со нацрт-резолуција до Советот за безбедност на Обединетите нации за прекин на огнот и спречување на можната израелската копнена офанзива во Рафах. Напорите за завршување на војната ќе продолжат, тврдат од катарското МНР.
„Секоја офанзива врз Рафах ќе има многу длабоко влијание, не само врз преговорите и напорите за посредување, но исто така, зборуваме за 2,2 или 2,5 милиони луѓе насобрани во една десетина територија на Газа“, рече Мајед Ал Ансари, портпарол на катарското МНР.
Тел Авив не попушта под притисокот на меѓународната заедница. Израел се закани-доколку до 10 март заложниците не се дома, војската влегува во Рафах.
„Ќе го направиме ова на координиран начин, олеснувајќи ја евакуацијата на цивилите, во дијалог со нашите американски и египетски партнери за да ги минимизираме цивилните жртви колку што е можно повеќе“, изјави Бени Ганц, член на воениот кабинет на Израел.
Израелските одбранбени сили објавија дека од почетокот на војната извршиле повеќе од 31 илјада напади врз позициите на Хамас во палестинската енклава, како и врз цели на Хезболах во Либан. Офанзивата на Израел почна на 7-ми октомври по терористичкиот чин врз цивили изведен од Хамас.
Маријана Димовска
