Пропусти во законот за нефер трговски практики
Законско решение со кое ќе се стави крај на манипулациите на цените. Ова се очекува да го постигне новата норма со која маркетите нема да можат да ставаат рабат повисок од 10 проценти. Но, иако е направен целосно нов текст, и тој има дупка во законот. Стопанствениците бараат попрецизни членови, за да нема манипулација. Инаку, доколку не се почитуваат измените, казните за трговците се високи. Две илјади евра за микро до 20 илјади евра за големи фирми...

Маркетите не смеат да имаат повеќе заработка од производ од 10% според Предлог-законот за нефер трговски практики кој го бараа и трговците. Но, предлог законот сепак остава простор маркетите да направат ценовник на производи кој нив им одговара. За да нема простор за манипулација, стопанствениците бараат политичките партии да поднесат амандмани до парламентот со кои што ќе се избегне дупка во законот. Во еден дел од предложеното законско решение стои дека сепак купувачот може да одреди повисок рабат од предвиденото.
Законот за прекршителите предвидува парични казни и од 2.000 евра за мали компании до 20.000 евра, но и забрана за вршење дејност од три месеци до две години за големи и средни компании и од 15 до 30 дена за мали компании.
За употреба нефер трговски практики се предлага глоба од:
-од 1000 евра до 2.000 евра за микро трговец;
-од 2.000 до 4.000 евра за мал трговец;
-од 6.000 до 12.000 евра за среден трговец;
-од 10.000 до 20.000 евра за голем трговец.
За одговорните лица од 50 до 500 евра, зависно од големината на фирмата.
За трговец поединец е предвидена глоба од 300 до 500 евра, исто како и за физичко лице.
Александра Велинова
