САД ставија вето на резолуцијата за прекин на огнот во Појасот Газа, Израел продолжува со бомбадирањето
САД ставија ново, трето вето во Советот за безбедност на Обединетите Нации на Нацрт резолуцијата за прекин на огнот во Појасот Газа. Тврдат таа негативно ќе влијаела врз преговорите. Не се менува ниту тврдиот став на израелскиот премиер Нетанјаху. Повтори дека Израел нема да подлегне на притисоците и да се предомисли во намерата за ослободување од Хамас …

Израел нема да дозволи никаков притисок да ги премисли во намерата за продолжување на војната против Хамас и постигнување на сите цели, ниту пак, договор по секоја цена за ослободување на заложниците.
„Има голем притисок врз Израел дома и во странство да ја прекине војната пред да ги постигнеме сите наши цели, вклучително и договор за ослободување на заложниците по секоја цена. Не сме подготвени да платиме никаква цена, особено не онаа којашто Хамас ја бара од нас, што би значело пораз на државата Израел“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
САД повторно ставија вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за прекин на огнот во Газа, велејќи дека нема да брзаат кон неуспех. Но, повторно предупредија дека Тел Авив дека не смее да преземе никаква офанзива врз Рафах. Палестинскиот амбасадор во ООН рече дека ветото е апсурд.
„Желни сме да продолжиме да работиме со советот на овој предлог што ќе доведе до прекин на огнот врз основа на формулата за ослободување на сите заложници, но имаме намера да го направиме ова на вистинскиот начин. Јасно ставив до знаење во мојата изјава дека не треба да се преземат никакви напади врз Рафах. Ќе продолжиме да го притискаме тоа“, изјави Томас Гринфилд, амбасадор на САД во ОН.
„Ветото не само што е за жалење по неколкунеделни консултации со секоја членка на советот и по бескрајното трпение на државата Палестина, арапските држави и речиси целата меѓународна заедница која со месеци бара прекин на огнот, туку тоа е апсолутно непромислено и опасно и повторно го штити Израел иако тој ги извршува најшокантните злосторства“, изјави Ријад Мансур, амбасадор на Палестина во ОН.
На терен борбите продолжуваат. Во воздушен напад врз Рафах погодено е возило. Има жртви. Катар бара меѓународната заедница да преземе јасна акција.
„Ова е нешто за кое меѓународната заедница мора да преземе јасна акција за да обезбеди безбедност на оние во Рафах. Одбиваме да прифатиме какво било оправдување за таков напад врз областа Рафа“, изјави Мајед ал Ансари, портпарол на Министерството за надворешни работи на Катар.
Главниот сојузник на Израел цврсто уверува дека преговорите со Египет и Катар продолжуваат. Во истовреме, Катар ги отфрли обвинувањата на Нетанјаху кој рече дека е потребно да се изврши поголем притисок врз Катар бидејќи тие го финансираат Хамас. Велат дека коментарите се поради лична и политичка добивка во момент на внатре-политички кризи на лидерот.
Бојана Крстевски
