Охрид

Во стариот град на Охрид не смее нови градби, доградби и надградби

21.02.2024 10:04

Нема нови градби, доградби и надградби во старото градско јадро во Охрид. Ова го предвидува Предлог законот за измена и дополнување на Законот за старото градско јадро на Охрид како културно наследство од особено значење. Целта на овие измени во законот е да се спречи уништување и деградирање на споменичната целина.

Во старото градско јадро на Охрид нема да може да се градат нови објекти, доградби и надградби се до донесување на новите детални урбанистички планови усогласени со заштитата. Ова е најзначајна новина којашто е предвидена со Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за старото градско јадро на Охрид како културно наследство од особено значење.

Според, Mинистерството за култура, со измените, ќе се зголеми заштитата на споменичката целина на стариот град, согласно препораките на УНЕСКО.

„Усвоен е извештајот за Статусот на природното и културното наследство, извештај кој го усвои владата и веројатно со реактивната мониторинг мисија ќе се утврди на терен од она што се ние сме сакале сме планирале колку на терен е тоа направено“, вели Сашо Коруноски – професор по културно наследство.

Во пресрет на мониторинг мисијата на УНЕСКО во Охридскиот регион, изготвена е и новата стратегија за туризам, која предвидува одржлив развој и заштита на културното наследство.

„Една од препораките на УНЕСКО е да се интервенира и да се направи еден одржлив туризам. Нашата стратегија нашата институција направија Стратегија и таа е направена согласно сите препораки на Унеско и сите принципи на сите релевантни институции и тела за развој на туризмот“. Развој кој ќе го унапредува светскиот статус на Охрид а не да го уназадува“, додава Коруноски.

Целта на овие измени во законот е да се спречат дејствија со коишто се врши оштетување, уништување и деградирање на споменичната целина, која е дел од УНЕСКО.

Во јули се очекува УНЕСКО повторно да расправа за статусот на Охридскиот регион.

 

Соња Рилковска