ИЗРАЕЛ-ХАМАС

По американското вето на резолуцијата на ОН за примирје, Израел продолжи со бомбардирање на Газа

21.02.2024 11:23

Израел жестоко ја бомбардира Газа. САД во Обединетите Нации ставија вето на резолуцијата за прекин на огнот. Хамас ова го толкува како зелено светло од Вашингтон за Тел Авив да продолжи да убива Палестинци. Русија, пак, ги обвини САД дека испишале црна страница во историјата на Советот за безбедност...

Израел продолжи со жестоки удари врз Газа. Во воздушен напад врз Рафах погодено е возило. Има жртви. Катар бара меѓународната заедница да преземе јасна акција.

„Меѓународната заедница мора да преземе јасна акција за да обезбеди безбедност на оние во Рафах. Одбиваме да прифатиме какво било оправдување за таков напад“, изјави Мајед ал-Ансари, портпарол на Министерството за надворешни работи на Катар.

Засилените воени активности на Израел доаѓаат по ветото на САД во Советот за безбедност на ОН со образложение дека нема да брзаат кон неуспех. Повторно предупредија дека Тел Авив не семе да преземе никаква офанзива врз Рафах. Палестинскиот амбасадор во ООН рече дека ветото е апсурд.

„Сакаме да продолжиме да работиме на овој предлог што ќе доведе до прекин на огнот и ослободување на сите заложници, но на вистинскиот начин. Јасно ставив до знаење дека не треба да се преземат никакви напади врз Рафах“, изјави Линда Томас-Гринфилд, амбасадор на САД во Обединетите Нации.

„Ветото не само што е за жалење, туку е апсолутно непромислено и опасно, и повторно го штити Израел иако тој ги извршува најшокантните злосторства“, изјави Ријад Мансур, амбасадор на Палестина во Обединетите Нации.

Американскиот став е зелено светло за Израел – Хамас со осуда за ветото на САД. Главниот сојузник на Израел цврсто уверува дека преговорите со Египет и Катар продолжуваат. Израел сепак, нема да потклекне на притисокот.

„Има голем притисок врз Израел дома и во странство да ја прекине војната пред да ги постигнеме сите наши цели, вклучително и договор за ослободување на заложниците по секоја цена. Не сме подготвени да платиме никаква цена, особено не онаа којашто Хамас ја бара од нас, што би значело пораз на државата Израел“, изјави Бенајмнин Нетанјаху, премиер на Израел.

Во истовреме, Катар ги отфрли обвинувањата на Нетанјаху кој рече дека тие го финансираат Хамас. Велат-коментарите се поради лична и политичка добивка во момент на внатре – политички кризи на лидерот. Во Тел Авив повторно протести.

 

Бојана Крстевски