Баросо: Русија да започне конструктивен дијалог со Украина

13.06.2014 13:22

Русија поднесе нацрт- резолуција во Советот за безбедност на Обединетите нации за уракинската криза, со која се бара запирање на насилствата...

Според претседателот на Европската комисија Жосе Мануел Баросо, Русија треба да почне конструктивен дијалог со Украина и да преземе конкретни чекори за намалување на тензиите во односите со Киев.
 
ИТАР-ТАСС известува дека Баросо разговарал телефонски со новиот украински претседател Петро Порошенко за ситуацијата на истокот на земјата. Порошенко претходно му кажал на рускиот претседател Владимир Путин дека доаѓањето на трите руски тенкови во Украина е неприфатливо.
 
Во меѓувреме, Русија поднесе нацрт-резолуција во Советот за безбедност на Обединетите нации за уракинската криза, со која  се бара запирање на насилствата.
 
„Со нацрт-резолуцијата бараме од сите страни да се воздржат од какви било дејствија кои ги загрозуваат животите на цивилите и хуманитарните активности. Бараме веднаш да се согласат на прекин на огнот“, вели Виталиј Чуркин, постојан претставник на Руската Федерација во ОН.
 
Претходно, генералниот секретар на Организацијата за безбедност и соработка во Европа Ламберто Заниер изјави дека високиот комесар на ОН за бегалци треба да учествува во хуманитарната помош за Украина.  
 
Околу 40% од жителите го напуштиле Славјанск. Од Доњецк си заминале 15.000 луѓе.