Комисија за заштита од заразни болести

56 случаи со голема кашлица, 46 во Скопје

21.02.2024 13:12

Во Скопје веќе некое време е прогласена епидемија, а невакцинираните деца не треба бидат згрижувани во градинка...

Расте бројот на потврдени случаи на голема кашлица. Во Скопје веќе некое време е прогласена епидемија, а невакцинираните деца не треба бидат згрижувани во градинка.

До денес се потврдени вкупно 56 случаи, од кои 46 се во Скопје. Од вкупниот број случаи, 14 се деца под една година, а девет се на возраст од 1 – 4 години. Шеснаесет се невакцинирани, 12 се некомплетно вакцинирани, изјави денеска претседателот на Комисија на заразни болести Александар Петличковски по состанокот на Комисијата.

„За разлика од последниот пат кога правевме пресек на епидемиолошката состојба сега се појавуваат и адолесценти, деца на возраст 10 до 14 години и повозрасни и веројатно во тек на следните недели ќе има малку промена на оваа демографска структура на позитивните случаи, односно очекуваме кај повозрасните и почесто да се потврдува оваа болест. Но, повторно сакам да потенцирам дека нашата најголема грижа како здравствен систем е спречување на ширењето на инфекцијата кај децата, кај малите деца бидејќи децата до една година возраст се најзасегнати, односно најризични по однос на оваа болест“, рече Петличковски.

Останува препораката за надополнување на пропуштените вакцинални дози.