САД тврди дека бара екстрадиција на Асанж поради откривање на изворите, не поради политичките ставови
Расте притисокот на светската јавност за ослободување на основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж. Неговиот правен тим прави сè што може да ја спречи екстрадицијата во САД, каде што го очекува судење за шпионажа, односно за оддавање воени тајни. Неговата сопруга и поддржувачите сметаат дека станува збор за политички мотивиран случај. Американскиот поткажувач Едвард Сноуден му порача на секој политичар и новинар дека иако не успеале да го спасат Навални, сега имаат можат да го спасат основачот на „Викиликс“.

Основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, e обвинет за откривање на имињата на изворите, а не за неговите политички ставови, тврдат американските адвокати пред судот во Лондон и бараат екстрадиција на 52-годишниот Австралиец. Според Вашингтон, Асанж поради објавување на бројни американски воени досиеја и дипломатски телеграми на „Викиликс“ го загрозил животот на американските агенти и дека нема оправдување за неговите криминални дела. Во САД се товари со 18 обвиненија. Доколку биде прогласен за виновен, може да добие и до 175 години затвор.
„Тие го ставаат Џулијан во рацете на земјата и на луѓето кои го заговараа неговиот атентат. Џулијан многу ја цени сета загриженост од печатот и поддршката од заедницата. Тој е политички затвореник и му треба слободата“, изјави Стела Асанж, сопруга на Џулијан Асанж.
Адвокатите на Асанж побараа од Високиот суд да му одобри нова жалба – негова последна надеж во долготрајната правна процедура што го држеше во британски високобезбеден затвор во последните пет години. Бранителите изјавија дека имаат докази за политички мотивиран случај, а Вашингтон негира дека ЦИА подготвувала атентат на основачот на „Викиликс“ додека тој живеел во Амбасадата на Еквадор во Лондон. Приврзаниците го оправдуваат фактот дека тој како новинар ги разоткрил неправилностите на американската војска во Ирак и Авганистан.
„Во договорот за екстрадиција меѓу Обединетото Кралство и САД се вели дека не можете да бидете екстрадирани за политички престапи. Соединетите Држави се обидуваат да извршат голем напад врз слободниот печат“, вели поддржувач на Асанж.
„И не очекувам многу денес, но се надевам дека Европскиот меѓународен суд за човекови права ќе донесе правилна одлука“, вели поддржувач на Асанж.
„Чувствувам дека е неверојатно важно да го оспориме ова, тоа што сè повеќе станува многу репресивна држава. Новинар кој ги разоткрива воените злосторства да биде обвинет за криминал е срамота“, рече поддржувач на Асанж.
Во кампањата за ослободување на Асанж се вклучи и Едвард Сноуден, кој порача дека ако политичарите не успеале да го спасат Алексеј Навални, сè уште имаат време да му помогнат на основачот на „Викиликс“.
Маријана Димовска
