Македонија

Пендаровски ја посети лабораторијата за мерење на квалитетот на воздухот во Универзитетот „Гоце Делчев“

21.02.2024 16:36

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја посети лабораторијата за мерење на квалитетот на воздухот во рамки на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и учествуваше во дискусијата „Заедничка иницијатива за климатска акција – искуства од 28. Самит за климатски промени“, организирана во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во канцеларијата на „Млади хаб“ во Штип...

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја посети лабораторијата за мерење на квалитетот на воздухот во рамки на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и учествуваше во дискусијата „Заедничка иницијатива за климатска акција – искуства од 28. Самит за климатски промени“, организирана во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во канцеларијата на „Млади хаб“ во Штип.

Претседателот Пендаровски од страна на ректорот на Универзитетот д-р Дејан Мираковски и наставно-научниот кадар, беше запознаен со функционирањето на лабораторијата за мерење на квалитетот на воздухот и нејзината главна цел да се добијат информации за изворите и количеството на загадување на амбиенталниот воздух, како суштинска алатка во натамошното дизајнирање на политиките за квалитет на воздухот.

Во дискусијата во „Млади хаб“ учествуваа претставници од граѓанските организации кои се бават со заштита на животната средина, а свои обраќања имаа претседателот Пендаровски и постојаниот претставник на УНДП во земјава, Армен Григорјан.

По дискусијата која се одржа во пресрет на 28. Самит за климатски промени, ова е втор тематски настан во соработка со УНДП, посветен на климатската агенда, со цел зголемена свесност за климатските промени и охрабрување и поттикнување на младите да се вклучат во климатските активности со цел промени во политиките и одржливи практики во нивните заедници.

Осврнувајќи се на заклучоците од 28. Самит за климатски промени, претседателот Пендаровски ги претстави ставовите со кои македонската делегација настапи на самитот, како и улогата на државите во поттикнувањето на меѓународната соработка и унапредувањето на колективните напори за справување со климатските промени.

Тој посочи дека наша цел е да ги намалиме за 82% нето емисиите на стакленички гасови до 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година и постепено да го исфрлиме јагленот без да се загрози енергетската безбедност на земјата и егзистенцијата на заедниците, особено во рударските подрачја. Во овој контекст, тој истакна дека и покрај енергетската криза, решени сме да ја постигнеме оваа цел до крајот на деценијата, додавајќи дека Северна Македонија беше првата европска пилот земја избрана за програмата за забрзана транзиција на јаглен од страна на Фондот за климатски инвестиции.

Претседателот истакна дека на КОП28, Северна Македонија заедно со ЕБОР ја претстави Инвестициската платформа за правична енергетска транзиција, што треба да ни помогне да ги мобилизираме потребните средства за да се префрлиме на обновливи извори, да ги забрзаме инвестициите во мрежата и да создадеме висококвалитетни зелени работни места за рударските заедници. Тој додаде дека оваа платформа е важна за усогласување со Глобалната заложба за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност на Европската Унија.