Двојно убиство и еден повреден во село Габреш
Двојно убиство попладнево се случи во кумановското село Габреш. Брат ја застрелал сестра си и нејзиниот син. Има и уште еден повреден...

Двојно убиство во кумановското село Габреш. Шеесет и шестгодишен кумановец ја убил сестра си и нејзиниот 38-годишен син. Настанот се случил напладне, по кавга поради нерасчистени имотно правни односи. Лицето пукало со огнено оружје.
Жителите на селото, кои не сакаа да зборуваат пред камерата, раскажаа дека семејството и претходно имало расправии. Утринава како што тврдат пред трагичниот настан дошло и до физичка пресметка.
Екипа на Итната медицинска помош констатирала смрт кај двете лица. Вториот син на сега убиената жена, со повреди е пренесен во Општа болница Куманово.
Од болницата информираат дека повреденото лице со три прострелни рани поради сериозноста на повредите е пренесено на една од скопските клиники.
Осомничениот за убиствата е лишен од слобода. Надлежните екипи извршија увид на местото на настанот. Следи целосно расчистување на случајот.
Куманово сè уште ги помни трагедиите од минатата година. Во еден од случаите кумановец си ја уби сопругата и нејзината мајка, а потоа и тој се самоуби. Во вториот случај повозрасен син со остар предмет го уби татко си.
Елена Георгиевска
