Фон дер Лајен вети поддршка за Западен Балкан ако биде реизбрана за шефица на ЕК
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави дека доколку биде реизбрана ќе се залага за процесот на проширување и финансиска помош за земјите на Западен Балкан...

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави дека доколку биде реизбрана ќе се залага за процесот на проширување и финансиска помош за земјите на Западен Балкан, познат како „План за раст“ со шесте земји од регионот. Шефицата на Европската комисија денеска доби поддршка за нов мандат од Европската народна партија, најголемата политичка групација во Европскиот парламент.
„Ние сме Унија од 27 земји. Привлечноста на оваа Унија е толку голема што многу други држави сакаат да се приклучат, од Западен Балкан до Украина. Отсекогаш сум била силен поддржувач на проширувањето, додека јасно ставам до знаење дека тоа е процес заснован на заслуги. Ние мора да продолжиме да се браниме од оние кои сакаат да не поделат, евроскептиците и пријателите на Путин. Мораме да ги одржуваме нашите демократии силни“, изјави Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
