ХИВ и туберкулоза-како ќе функцинира превентивата и здравствената заштита по секнувањето на парите од Глобален фонд?
Политичка волја и континуирано финасирање може да придонесе кон одржување на ниска преваленца на ХИВ и туберкулоза по 2016-та година...

Националниот координативен механизам како мултисекторско тело кое што управува со грантовите од Глобалниот Фонд за ХИВ и туберкулоза го започна процесот на подготовка на нацрт национален план за одржливост на овие програми. Во изминатите десет години преку Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија добиена е неповратна финансиска поддршка во износ од 26 милиони американски долари, за финансирање на активности кои се во потполност комплементарни со активностите дефинирани во националните стратегии за ХИВ/СИДА и туберкулоза.
Во моментов државата преку превентивните програми финансирани од буџетот обезбедува бесплатна терапија за ХИВ и туберкулоза за сите граѓани на кои што им е потребна, додека превентивните активности во потполност се финансирани од Глобален фонд. По 2016 година, кога завршува финансирањето од Глобален фонд, нема да бидат потребни само средства за третман, туку многу повеќе ќе бидат потребни и средства за превентивни активности. Овие активности, кои всушност значат нудење на бесплатни услуги се особено важни, затоа што најголем дел од нив се насочени токму кон оние заедници кои што се под најголем ризик или се маргинализирани: корисници на дроги, сексуални работници, сиромашни лица, мажи кои што имаат секс со мажи, затвореници.
Република Македонија е земја која што има ниско ниво на случаи со ХИВ, а истовремено е земја во која секоја година бројот на нови случаи со туберкулоза се намалува. Со цел овој позитивен здравствен тренд да продолжи, потребно е продолжување на овие превентивни активности, но и активности за третман и по завршувањето на програмите на Глобалниот фонд. Ова значи дека државата преку министерства, но и локалната самоуправа е потребно да одвојува поголеми финасиски средства за да овие програми продолжат со спроведување и по повлекувањето на Глобалниот фонд од нашата земја.
Глобалниот фонд преку своите програми е присутен во многу земји од нашиот регион. Искуствата на различните земји ни покажуваат што треба да се преземе, но и кои се негативните искуства. Хрватскиот пример е позитивен и по повлекувањето на Глобалниот фонд најголемиот дел од програмите продолжија со фунционирање, преку иновативни извори на финансирање како процент од државната лотарија. Спротивно на тоа во Романија скоро сите програми беа затворени и најранливите категории на граѓани, оние кои што имаа најголема потреба од овие сервиси, останаа без нив.
Соња Стојановска
