Избори 2024

Бујар Османи е претседателски кандидат на ДУИ, најави Ахмети

22.02.2024 12:07

Лидерот на ДУИ ги повика граѓаните да изберат претседател и заменик- претседател со двојно мнозинство, според Бадентер. Нагласи дека нема да бидат дел од ниту една влада која нема да го промени Уставот...

Бујар Османи ќе биде кандидат за претседател на Демократската унија за интеграција (ДУИ), најави денес во јавно обраќање лидерот на партијата, Али Ахмети. Тој ги повика граѓаните да изберат претседател и заменик-претседател со двојно мнозинство, според Бадентер.

„Кажете „не“ на Русија, „да“ на Европа! Ајде да избереме претседател и заменик-претседател со 2/3 од гласовите и двојно мнозинство Бадентер. Пред Вас, давам одлучен завет дека ние нема да бидеме дел од ниту една влада која нема да го промени Уставот и ќе одиме во опозиција за да се бориме и да ги победиме егзистенцијалните закани за нашата земја“, изјави Ахмети.

Претседателот Стево Пендаровски ќе биде кандидат на СДСМ и ќе се бори за втор мандат противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе му биде пратеничката Гордана Силјановска Давкова. Кандидатура објави и градоначалникот на Карпош и претседател на ГРОМ, Стевче Јакимовски. Арбен Таравари е кандидат на здружената албанска опозиција, а кандидатура објави и професорката Билјана Ванковска која ќе биде претседателски кандидат на Левица. И лекарот Вело Марковски најави претседателска кандидатура.