Израел

Од воениот кабинет на Израел ветувачки знаци на напредок за нов договор

22.02.2024 12:21

Еден убиен, осуммина ранети во терористички напад близу Ерусалим. Во Појасот, продолжуваат гранатирањата. Палестинските власти обвинуваат за напади во Рафах. СЗО го вклучи алармот. Од воениот кабинет потврдуваат дека има ветувачки знаци на напредок за нов договор. Преговарачите се надеваат дека договорот ќе го постигнат до Рамазан, црвената линија на Тел Авив за ослободување на заложниците...

Едно лице е убиено, осуммина се ранети, меѓу нив и трудница во терористички напад во предградие на Ерусалим. Двајца од тројцата напаѓачи, Палестинци, се неутрализирани, третиот е пронајден при претрес на областа.

„Нашите непријатели не бараат изговори, сакаат само да ни наштетат. Правото на живот за еврејските жители на Западниот Брег е поважно од слободата на движење за жителите на палестинската управа“, изјави Итамар Бен-Гвир, министер за национална безбедност на Израел.

Во Елиат огласени сирени. Израелската одбрана пресретна ракета над Црвено Море во напад на Хутите. Продолжија и ракетирањата во Појасот Газа. Бомбардиран и Рафах. Палестинските власти тврдат дека има жртви. СЗО го вклучи алармот.

„Ситуацијата продолжува да се влошува. Газа стана зона на смртта. Потребен ни е прекин на огнот веднаш. Заложниците мора да бидат ослободени, бомбите мора да престанат, хуманоста мора да надвладее“, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Британија и Јордан од авиони исфрлија тони лекови, гориво и храна. Тел Авив соопшти дека пред операцијата во пограничниот град, цивилите прво ќе бидат евакуирани. Од воениот кабинет потврдуваат дека има ветувачки знаци на напредок за нов договор.

„Постојат обиди да се промовира нов договор за заложници и има ветувачки рани знаци за можен напредок. Нема да престанеме да бараме начин и нема да пропуштиме никаква можност да ги донесеме нашите дома. Но, ако не се постигне нов договор, ќе продолжиме да работиме и за време на рамазан“, изјави Бени Ганц, член на воениот кабинет на Израел.

Израелскиот парламент претходно го отфрли едностраното признавање на палестинска држава. За помалку од три недели почнува Рамазан, црвена линија за Тел Авив за ослободување на заложниците. Шефот на ЦИА оди во Париз на разговори со катарските и египетските власти во обид да се постигне договор до почетокот на светиот месец на муслиманите.

Бојана Крстевски