Разногласието околу личните документи ги доведува граѓаните во заблуда
Граѓаните се збунети, бројни најаснотии, обвинувања меѓу надлежните, политичко разногласие, дополнителна нервоза во процедурите за замена на личните документи. Се чека и за термини во дипломатско конзуларните претставништва. Нашинците може да дојдат но неизвесно како ќе се вратат дома...

Откако ги укори дека шират лажни вести техничкиот премиер Џафери побара веднаш да бидат разрешени функционерите кои направиле видео како ја поминуваат границата со дипломатски пасош затоа што само ја зголемуваат маката на народот. Пратениците Лефков и Петрушевски откако не им беше дозволено да поминат со стариот пасош го дадоа дипломатскиот што според Џафери е замајување на граѓаните.
Јавноста е веќе збунета од разни информации. Особено онаа дека одредени земји од Европската унија им дозволуваат на нашите граѓани минување на нивните граници со стариот пасош. Единствено потврдено до сега е дека Швајцарија им дозволува само да ја напуштат нивната земја без патен лист и со стар пасош. Шефот на македонската дипломатија Османи потврди дека една земја одобрува друга не, но без да ги спомене. Откако техничкиот министер за внатрешни изјави дека меѓу земјите кои дозволуваат минување на границите со стар пасош е Германија и дека добил уверување дека земјите од ЕУ ќе имаат разбирање, Македонската телевизија се обиде директно да ги контактира германските власти. Во нивниот мејл тие посочуваат:
Германија моментално ја испитува понатамошната процедура за граѓаните од Република Северна Македонија со старата ознака „Република Македонија“.
МТВ останува во исчекување на одговорот од Комитетот за патни исправи при Европската унија.
А нашите сонародници во земјите во кои нема единици за изработување на пасоши не можат да заминат ниту во другите земји. Таков е примерот со амбасадата во Братислава. Од МНР за МТВ потврдија дека:
„Нашите државјани од Словачка најчесто се враќаат во земјава со патен лист, бидејќи во амбасадата во Братислава нема мобилна единица а во Виена не можат да отпатуваат со пасоши со старото име“.
Со поголема среќа се нашите сограѓани во Сојузна Република Германија, на пример и Швајцарија каде можат да добијат пасоши со новото име.
Фиљана Кока