Убиствата во миг чести кај семејствата со нарушени релации
Убиствата во миг се честа појава кај семејствата со нарушени релации. Доколку веќе постојат конфликтни релации, многу тешко можат да се надминат во кругот на семејство, без помош на институциите, оценуваат стручните лица. Јавноста вчера ја вознемири двојното убиство во кумановското село Габреш …

Семејните конфликти каде што постои психичко, физичко или материјално малтретирање на член, често придонесуваат да дојде до физички пресметки, а некои и да завршат со поголеми трагедии, оценуваат стручните лица откако јавноста ја вознемири двојното убиство во кумановското село Габреш. Причините за поттикнување на напнатоста и конфликтноста според психијатрите, може да бидат субјективни или објективни. Општата атмосфера, стандардот на живот, но и самата структура на личноста, околностите во коишто растела, придонесуваат за градење на индивидуата. Дали таа ќе биде потрпелива или напната. Но, и дали расправија заради имотно-правни прашања, ќе заврши со убиство.
„Правнички постои убиство на миг додека убиство на афект повеќе се однесува на состојба која подлежи при анализа на пресметливоста или непресметливоста. Убиство на миг се случува кога убиецот, извршителот е во една состојба на висока емотивна раздразливост. Она што доведува до тоа сè повеќе фактори, самиот конфликт, релација, времетраење на конфликтот но и улогата на жртвата, која придонесува убиецот да биде доведен во состојба на висока раздразливост“, изјави д-р Адриана Богдановска Тоскиќ, психијатар во Општа болница Куманово.
Убиството во миг, појаснуваат стручните лица, се случува додека трае самиот конфликт.
Според анализите, убиствата во миг кои се честа појава кај семејствата со нарушени релации, се застапени на Медитеранот, краиштата со потемпераментни луѓе.
За да се спречат ваквите семејни трагедии лекарите советуваат да се следи функционирањето на поединецот на секој план. Доколку имаат потреба да побараат помош од институциите. Особено апелираат во семејствата каде што веќе има конфликтни релации, бидејќи многу е тешко без помош, сами да ја надминат состојбата. Во кумановското село Габреш 66-годишен кумановец по расправија ја уби сестра си и нејзиниот син. Во настанот беше потешко повреден уште еден член на семејството.
Елена Георгиевска