Манолева: Родителите на Леонид не побараа мислење дали неговата рехабилитација може да се изврши во нашите установи
Одлуката беше на родителите Леонид да замине во Виена, изјави денеска заменик-министерката за здравство Маја Манолева.
Не е точно дека не сме се заинтересирале, дека не сме овозможиле ништо досега. Одлуката беше на родителите Леонид да замине во Виена, изјави денеска заменик-министерката за здравство Маја Манолева.
„Родителите воопшто немаат побарано никакво мислење од соодветна институција за можноста или неможноста за завршување на лекувањето, односно за рехабилитација на тоа дете во нашите установи. Прво да се изоди тој пат и дури потоа да кажеме, да ја прегледаме целата медицинска документација, да го видиме клинички пациентот и дури потоа стручниот колегиум на соодветните клиники да даде свое мислење и да каже дали има или нема можност за продолжување на лекувањето или на рехабилитација во нашите институции“, нагласи Манолева.
Прашана дали ќе има законски измени за тоа како ќе се постапува во иднина со вакви случаи, таа кажа дека како Министерство треба да постапат на иницијатива на пратеници и на граѓани, но посочи дека во земјава има здравствен систем којшто во последниве години во однос на апаратурата е напреднат.
Манолева нагласи дека уште пред неколку месеци имала средба со родителите на пациентот, на којашто им образложила, како специјалист од областа, каков треба да биде патот на детето.