Избори 2024

Претседателската трка ќе обезбеди мерење на рејтингот на партиите, аналитичарите очекуваат квалитетна дебата

22.02.2024 14:31

Аналитичарот Трошановски очекува повторно во втор круг да се тркаат фаворитите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Слично размислува и политикологот Сефер Селими. Тешко дека Османи или Таравари би повлекле толку гласови за влез во вториот круг...

Се филтрираат претседателските кандидати-предлог и на големите и на помалите политички партии. Анилитичарите очекуваат квалитетна дебата меѓу нив. Велат, трката ќе обезбеди и директно мерење на рејтингот на партиите. Аналитичарот Трошановски очекува повторно во втор круг да се тркаат фаворитите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

„Како што и други избори покажале, ќе видиме дали големото незадоволство од францускиот предлог и неговото потпишување од страна на претседателот ќе се одрази на неговиот рејтинг, имајќи го предвид големиот отпор на македонските гласачи“, вели аналитичарот Марко Трошановски.

Слично размислува и политикологот Сефер Селими. Тешко дека Османи или Таравари би повлекле толку гласови за влез во вториот круг.

„Имаме конкурентна трка помеѓу претседателските кандидати. Поради овој корпус на кандидати, јас очекувам и самата трка да биде квалитетна и да има повисоко ниво на дебата и однесување кон јавноста“, додава политикологот Сефер Селими.

И додека Трошановски го коментира Ахмети дека не е нова идеја да се бара избор на претседател во Собранието, Селими вели партиската припадност ќе преовладува во изборот на претседател без изненадување за некој нов Обама.

„Теоретски е возможно, но јас мислам дека сè уште не сме созреани до тоа ниво како општество. Двајцата се партиски кандидати, не се граѓански. Затоа мислам дека одлучувачки фактор ќе биде партиската припадност при гласањето на кандидатите“, нагласува Селими.

„Било какво врзување со дополнителна функција на втор претседател или гласање со Бадентер, или слични партиски комбинаторики мислам дека апсолутно немаат врска со демократијата и потребите на македонското општество. Ние би требало да го напуштаме принципот на консензуална демократија и да градиме едно граѓанско општество“, додава Трошановски.

Партиските кујни веќе забревтано работат. Граѓаните на 24-ти април, односно на 8-ми мај ќе кажат тоа што сакаат.

Миле Ристески