Македонија

Одбраната на таткото на Вања на седница во скопска Апелација побара укинување на притворот

22.02.2024 15:10

Обвинителството нема докази за инволвираност на таткото на Вања, Александар, во нејзиното убиство, тврди одбраната и побара укинување на притворот. Одлука од судот ќе се чека до 5-ти март. Од турските власти се чека да го испорачаат осомничениот Љупчо Палевски, клучен за истрагата. Лога тврди, екстрадицијата брзо се заврши...

Обвинителството нема докази дека таткото на Вања Ѓорчевска, Александар, е инволвиран во нејзиното убиство. Ова го тврди неговиот адвокат, кој на седница во скопска Апелација побарал да му се укине притворот. Тој вели и дека Ѓорчевски во затворот Шутка бил испрашуван на недостоинствен начин, со цел од него да се изнуди признание. За ова го известиле и обвинителот. Одлука од судот ќе се чека до 5-ти март.

Се чека и од турските власти да го испорачаат осомничениот Љупчо Палевски кој е клучен за истрагата, бидејќи се посочува како извршител на убиството. Министерот за правда, Кренар Лога, за МТВ вели дека добил уверување од турскиот колега дека екстрадицијата брзо ќе заврши.

„Судскиот процес во Турција е завршен и се очекува да завршат и административните процедури, по што се очекува Палевски да биде екстрадиран во нашата држава. Кога ќе добиеме какви било нови информации во врска со екстрадицијата, невреме ќе ја информираме јавноста“, вели Лога за МТВ.

За убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски осомничени се петмина. Четворица се под истрага за соизвршителство за две грабнувања и две убиства на суров начин. За петиот осомничен се прибираат докази дека им помогнал да го грабнат малолетното девојче.

 

Анита Димитријевска – Велковска