Приватното американското летало „Одисеј“ успешно слета на Месечината
САД го постигнаа првото слетување на месечината со приватно вселенско летало, по половина век. Уредот носи неколку научни инструменти на НАСА и нови технологии. „Одисеј“ беше лансиран пред седум дена од вселенскиот центар „Кенеди“ на врвот на ракетата „Фалкон-9“, изградена од калифорниската компанија „Спејс Икс“, во сопственост на Илон Маск...

Американското летало „Одисеј“, гордоста на приватната компанија „Интуитив машинс“, успешно се спушти во близина на јужниот пол на Месечината. Сигналот на околу 400.000 километри пристигна 10-ина минути подоцна, тензијата во Хјустон ја прекрати директорот на мисијата.
„Можеме да потврдиме, без сомнение, нашата опрема е на површината на месечината. Честитки Ај-Ем тим“, Тим Крејн, директорот на мисијата „IM-1“.
По половина век САД повторно се на земјиниот сателит, историско ветување за идните комерцијални летови.
„За првпат по половина век, САД се вратија на месечината. Денеска за првпат во историјата на човештвото, комерцијалната американска компанија почна и го предводеше патувањето до таму. Денес е ден кој ја покажува моќта и ветувањето на комерцијалните партнерства на НАСА. Честитки за сите вклучени во оваа голема и смела потрага. Каков триумф, Одисеј ја зазеде месечината“, изјави Бил Нелсон, администратор на НАСА.
Инженерите признаваат дека мисијата била тежок предизвик. „Одисеј“ има за цел да го процени опкружувањето на јужниот пол на земјиниот сателит, област со наслаги замрзната вода, од особен интерес за идните мисии на НАСА Артемис, со екипаж планирани за 2026-та година. Уредот носи неколку научни инструменти на НАСА и нови технологии.
„Одисеј“ беше лансиран пред седум дена од вселенскиот центар „Кенеди“, на врвот на ракетата „Фалкон 9“, изградена од калифорниската компанија „Спејс Икс“, во сопственост на Илон Маск.
Бојана Крстевски
