Избори 2024

Претседателските кандидати собираат потписи

23.02.2024 13:17

Кандидатите за претседател на државата почнаа со собирање потписи. Рокот тече од денеска. Ќе има возбудлива кампања...

Кандидатите за претседател на државата почнаа со собирање потписи. Рокот тече од денеска. Ќе има возбудлива кампања ако сите од нив го исполнат условот да влезат во трката.

Актуелниот претседател Пендаровски повторно претендент да остане во фотељата во „Вила Водно“ како кандидат на СДСМ на претстојните избори. Гордана Силјановска-Давкова е кандидатка за шеф на државата на ВМРО-ДПМНЕ.

ДУИ го кандидира шефот на дипломатија, Бујар Османи за претседателските избори. Зад кандидатурата на Арбен Таравари застана обединетата албанска опозиција – Сојуз за европски промени.

И градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски – претседател на партијата ЗНАМ номиниран за учество во претседателските избори. За прв пат Бошњачкиот демократски сојуз со свој кандидат на изборите. Мерсиха Смаиловиќ е третата жена која на овие избори ќе ја бара довербата од граѓаните за шеф на државата.

И Стевчо Јакимовски од ГРОМ влегува во трка на претседателските избори. Први својата кандидатура ја објавија професорката Билјана Ванковска како кандидат на Левица и д-р Вело Марковски како независен кандидат.

Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците. 8-ми март е последниот ден кога граѓаните ќе можат да го дадат својот потпис за еден од претседателските кандидати.

Миле Ристески ги има ставовите на дел од нив на стартот на предизвикот.