Нетанјаху со повоен план во кабинетот, по војната со Газа ќе раководат локални кадри
Израел го претстави повоениот план за Газа. Нетанјаху останува на ставот дека заложниците мора да се ослободат. ООН бараат итен договор и ослободување на заложниците пред светиот месец Рамазан. Од Белата куќа стигаат позитивни сигнали за преговорите. Во Појасот, борбите продолжуваат. Регистрирани нови напади на Хутите во Црвено Море. Пентагон тврди дека американските ангажмани во Црвеното Море се успешни и покрај нападите на Хутите...

Израел го претстави повоениот план за Газа. По војната ќе го предаде на палестинската власт што не е поврзана со Хамас на управување со Појасот. Планот ги содржи принципите што премиерот Нетанјаху ги потенцира од почетокот на војната, но првпат формално претставени на одобрување во кабинетот. Останува на ставот дека заложниците мора да се ослободат.
„Нема да се откажеме, ќе го постигнеме тоа со воени средства ако е потребно или на политички начин, ако е можно. Во секој случај, ќе ја вратиме безбедноста“, порача израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Обединетите нации бараат итно постигнување договор и ослободување на заложниците пред светиот месец Рамазан.
„Ако насилството во газа не престане, тензиите и ограничувањата останат високи на западниот брег, вклучително и во источен Ерусалим, светиот месец рамазан ризикува да стане уште еден нестабилен маркер наместо време за размислување и исцелување“, Тор Венесланд, специјален координатор на ООН за блискоисточниот мировен процес.
„Не може да има одржлив прекин на огнот во Газа, без заложниците да бидат ослободени. Кажавме дека Израел не треба да продолжи со операција за која знаеме дека ќе создаде повеќе страдања и ќе ја влоши хуманитарната криза, во отсуство на остварлив план за заштита на цивили“, изјави Роберт Вуд, заменик-амбасадор на САД во Обединетите нации.
Белата куќа смета дека разговорите со израелските лидери се одвиваат добро. Позитивни сигнали пристигнуваат и од другата страна. Во меѓувреме, борбите во Појасот продолжуваат. Регистрирани се нови напади на Хутите врз брод во Црвено Море. Американските ангажмани во Црвеното Море се успешни и покрај нападите на Хутите, тврди Пентагон.
Ирина Гелевска
