Хаг и вело-културата

Велосипед посилен од автомобил

13.06.2014 14:44

Возењето велосипед се разви во вело-култура што ја прави Холандија уникатна. Жителите на Хаг отидоа уште подалеку. Според истражувањата дури 70% од превозот се одвива на две тркала...

Холандија е позната во светот по тоа што има повеќе велосипеди отколку жители. Возењето велосипед се разви во вело-култура што ја прави оваа држава уникатна. Жителите на Хаг отидоа уште подалеку. Според истражувањата дури 70% од превозот се одвива на две тркала.

За да го направи безбедно возењето, градот развил цела мрежа сообраќајници само за велосипедисти. Патеките се јасно означени, со сообраќајни знаци, семафори и доволно широки за да се разминат велосипеди кои одат во двете насоки. На располагање се траси во вкупна должина од 250 километри.

Жители на Хаг за МТВ велат дека ова е начин на живот.

„Хаг е мал град споредено светските метрополи и најлесно и најбрзо се стигнува со велосипед. Од еден крај на друг сте најмногу за 45 минути, објаснува повозрасен господин качен на велосипед.

„ Може да им биде чудно на странците кога ќе видат дека велосипедите имаат секаде предност, дури и пред пешаците“, вели една жена која во предна корпа го возеше и своето дете. Ова е начин да се стекне навика уште од мал. Во некои од училиштата дури 90% од децата доаѓаат и си заминуваат од настава со велосипед.

Но, и еден странски дипломат вели дека лесно се прилагодил на новиот сообраќаен живот.

„Многу често одам на работа со велосипед. Хаг е безбеден град и навистина е штета да не се искористи добрата инфраструктура за да ги раздвижиме мускулите додека одиме или се враќаме од работните места“

Во строгиот центар на Хаг и нема некој голем избор за транспорт.  Дозволено им е движење само на трамваите и автобусите, во еден дел на таксистите и секако на велосипедистите. Во радиус од еден километар е пешачка зона која е испресечена само со линии од јавниот транспорт. Целата површина е со благи премини од повисоко кон пониско, така што нема бариери додека возите велосипед или пешачите.    

Во Хаг, но и во Холандија генерално, не се води битка за повеќе места за автомобили, туку за велосипеди. Затоа ги има на секој агол.  Сон на секој кој вози со силата на педалите е голем паркинг. На пример, на универзитетот во северниот Гронинген, има подземен простор за 10 илјади велосипеди, стандард што е тешко сфатлив за големото мнозинство Балканци кои не излегуваат од своите автомобили.  

„Гледате дека сите велосипеди се стари. Овде важи правилото колку покористени, толку по квалитетни“, ни рече една продавачка во бутик.

Според таканаречениот вело-барометар, Холандија заедно со Данска го дели првото место за нај пријателски држави за велосипедисти. Вело-културата е на толку високо ниво што има точни правила за движење кои се почитуваат, а носењето кацига не е задолжително. Ако некој ја носи, многу веројатно е дека е странец. Освен свеста за еколошки и здрав превоз, Холандија има и една друга голема предност. Најголемиот дел од земјата нема ридови и планини, па возењето велосипед го прави како пеење песна. Можат да се поминат километри без човек воопшто да се испоти.

 

Од Хаг, Душко Арсовски