Ставови на партиите за претседателските кандидати
Секоја од партиите со објаснување за своите кандидати. За СДСМ, Пендаровски не е дефинитивен кандидат за претседател. За ДУИ – дојдено е времето за претседател Албанец. Николоски, со став дека со идејата која ја промовираат Ахмети и Груби сакаат вечно да владеат...

Актуелниот шеф на државата Пендаровски не е дефинитивен кандидат за претседател на Социјалдемократите. За неговата кандидатура сè уште не се изјасниле партиските тела – вели првиот човек на СДСМ. Ковачевски најави дека деновиве, предлогот Пендаровски повторно да влезе во претседателската трка ќе се разгледува на извршен и централен одбор.
„Стево Пендаровски е сериозен кандидат, СДСМ разговара, но нема дефинитивен кандидат за претседател. Во однос на другите кандидати, можам на сите да им посакам успех, да посакам фер и демократска кампања“, кажа Ковачевски.
За интегративците е дојдено време, претседател на државата да биде Албанец. Според нив, шефот на државата наместо на непосредни избори, треба да се бира во Собранието со двотретинско и со Бадинтерово мнозинство.
„Сржта на идејата на лидерот Али Ахмети е изборот на претседателот на државата во Собрание со двотретинско мнозинство на гласови и со Бадинтер, за да се обезбеди општествен, натпартиски консензус за да се овозможи со над 80 гласови во Собранието и со етнички консензус да се спречи етничко надгласување и наметнување само од двете поголеми македонски политички партии“, изјави Арбр Адеми од ДУИ.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Николоски со став дека со идејата која ја промовираат Ахмети и Груби сакаат вечно да владеат. Според него изборите се врвот на демократијата во современото општество.
„Извршната моќ е кај владата и премиерот, но титуларно претседателот е функција број еден во државата и мора да се бира на избори, затоа што тоа е врв на демократијата, така прават најдемократските држави во светот. Секој обид за суспендирање на демократијата е само обид за ставање на народот надвор од процесот на одлучување“, нагласува Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Кандидатот на ДУИ, Османи е единствениот албански функционер со отворен предмет во Специјалното јавно Обвинителство – велат од коалицијата на албанската опозиција „Вреди“.
Почна собирањето на потписи за кандидатурите. Сите девет кандидати ќе собираат потписи.
Првиот круг претседателски избори ќе одржи на 24-ти април. Изборната кампања почнува 20 дена порано.
Марина Стојанова-Тонева
