МВР

Внатрешна контрола ќе ги чешла набавките на обрасците за пасоши

23.02.2024 15:08

Граѓаните пред шалтерите, министрите растрчани во обид да ја решат пасошката криза. Внатрешна контрола на МВР, по налог на Тошковски, ќе ги чешла договорите за набавка на обрасците. Неговиот заменик, Бојмацалиев на граница ја пречека новата пратка...

Внатрешната контрола на МВР го истражува договорот за набавка на обрасците за патни исправи со цел да провери дали имало прекршувања на постапката, но и како се случило од првично предвидените 400 илјади, да пристигнат само 20 илјади обрасци. Од МВР за јавниот сервис потврдуваат дека ревидирањето е во тек, а се очекува за неколку недели да се добијат одговорите на прашањата поврзани со случајот кој доведе до збрки и метеж со издавањето на документите.

„Техничкиот министер, Панче Тошковски, побара од вработените во внатрешната контрола целосно да го истражат случајот околу преземените чекори и набавката на обрасците за патните исправи. Очекуваме за неколку недели процесот да заврши и да се изготви извештај за добиените сознанија“, велат од МВР.

Во меѓувреме во земјава пристигнаа 140 илјади обрасци за пасоши, кои на преминот „Богородица“ беа пречекани од дополнителниот-заменик министер Митко Бојмацалиев. Наскоро треба да стигне уште една пратка од 85 илјади, со што ќе се заокружи бројката од 225 илјади обрасци.

Надлежните најавуваат дека од идната недела ќе стапи во функција веб-страница на којашто граѓаните ќе може да проверат дали им се изработени пасошите. Дотогаш, ќе добиваат известување по пат на СМС-порака.

 

Анита Димитријевска – Велковска