Битола

Во Пелагонискиот регион секојдневно се гасат пожари од запалени стрништа

24.02.2024 10:41

Продолжува црната статистика на запалени стрништа во месеците пред пролетната сеидба и по жетва во Пелагонија. Сè уште месецов не завршил, а ТППЕ-Битола веќе има близу 30 интервенции. Екологистите сè погласни во преземања на што построги санкции и ажурност на Инспекторатот за животна средина...

Облаците од чад и лошата миризба стануваат секојдневие пред почетокот на пролетната сеидба во плодната Пелагонија. Земјоделците ги потпалуваат стрништата и другите остатоци за да ги очистат нивите. Ваквите нелегални зафати носат полни раце работа за пожарникарите.

На секоја дојава, ние мора професионално да одговориме. А, кога имате и по шест до седум интервенции на ден за иста проблематика, тоа делува истоштувачки и на човечкиот потенцијал, но и на организациски план, велат од Територијалната противпожарна единица.

Чадот од горењето на стрништата и останатите материи емитува енормно високи количини на штетни ПМ честички кои се опасни по здравјето, велат екологистите. Тие со уште погласен апел до Инспекторатот за животна средина за поголема присутност на терен и лоцирање на сторителите.

Дека резултатите на полето на ажурноста се минимални, покажува и статистиката што ја добивме од СВР Битола. Минатата година во битолско-прилепскиот регион биле пријавени близу 400 вакви пожари на отворено, а биле поднесени само пет кривични пријави.

 

Стевче Митревски