Кризата во Црвеното Море ги зголеми трошоците во автомобилската индустрија во земјава
Откако Хутите започнаа да ги напаѓаат трговските бродови во Црвеното Море трошокот по контејнер е зголемен за четири пати, бидејќи наместо низ Суецкиот канал до грчките пристаништа, сега бродовите пловат околу Африка, Гибралтар и низ целото Средоземно море. поради тоа во земјава е најпогодена автомобилската индустрија која увезува електронски делови од азиските земји...

Трошоците за бродски превоз од Азија до Европа вртоглаво растат. Тие, по контејнер, се зголемени за 400 проценти и ќе придонесат за зголемување на цените на некои производи во автомобилската индустрија во земјава, што директно ќе влијае на нивната конкурентност. На бродовите сега им се потребни 17 дена повеќе во една насока, а до воспоставување на редовен превоз, компаниите во земјава за да нема застој во производството до март, ќе увезуваат електроника и со авионски транспорт, што е дополнителен трошок. Поради тоа, Советот на странски инвеститори покрена иницијатива за дополнителна хармонизација на царинските стапки со европските.
„Тоа се случи пред две и пол години на една група од над 280 царински стапки. Сега бараме дополнителна хармонизација на околу 100 царински стапки и сметам дека во овој период ќе биде многу полезно за сите нас, барем дел од трошоците да ги амортизираме ако се воспостави една автономна, времена мерка, без разлика дали ќе биде до крајот на годината или една година од донесување на таа мерка на Влада“, изјави Виктор Мизо, претседател на Советот на странски инвеститори.
Зголемените трошоци на автомобилската индустрија во земјава ќе влијаат и врз крајните трошоци на нивните клиенти, а тоа ќе значи и зголемување на цените на возилата.
„Неколку земји од западна Европа се во рецесија или на граница на многу низок економски раст. Тоа може директно да влијае кон намалување на потрошувачката на тие возила. Така што, индиректно во некој период од средината на годината па натаму, тоа потенцијално може да влијае врз обемот на работа на нас, како компании од автомобилската индустрија“, дополни Мизо.
Иако се очекува намалена продажба на возила, што ќе го редуцира и обемот на работа, Мизо тврди дека во овој момент немаат директен притисок за отпуштање на работната сила.
Сашо Нелоски
