Расте бројот на заболени со голема кашлица, четири деца хоспитализирани во Козле
За една недела 28 нови случаи на заразени со голема кашлица. Доенче од еден месец е најмалиот пациент...

Доенче од еден месец е најмалиот пациент заразен со „пертусис“ минатата недела. Поради возраста и состојбата задржано е на болничко лекување, како и други заразени бебиња.
Четири пациенти со голема кашлица се хоспитализирани во болницата во Козле. Три се бебиња до една година, поголемото дете има година и пол. Лекарите велат дека се во стабилна здравствена состојба.
Во моментот на Клиниката за детски болести нема хоспитализирано деца со пертусис. Податоците на ИЈЗ покажуваат дека најголем број од заболените се на возраст до една година, и од 10 до 14 години. За една недела има 28 новорегистрирани, до 22 февруари во државата имаше 67 потврдени случаи со голема кашлица. 55-мина од нив се во Скопје, но има и во Тетово, Куманово, Гостивар, Струга. 90 проценти од нив се невакцинирани или некомплетно вакцинирани.
Од 18-ти јануари вработените во пунктовите за имунизација и епидемиолозите од центрите за јавно здравје прибираа податоци за невакцинирани и некомплетно вакцинирани деца. Во Скопје, речиси 13.000 деца имаат пропуштена вакцина, додека во државата околу 7.000.
Здравствените власти се обидуваат да го зголемат опфатот со Ди-Те-Пер, до една годишна возраст опфатот е 84 проценти, но за ревкацина на 18 месеци опфатот е низок, само 69 проценти.
Наташа Јанчиќ – Менкоски
